Свет

Построги правила: Германија го отежнува патот до престој и државјанство за доселениците

Построги правила: Германија го отежнува патот до престој и државјанство за доселениците

Германското сојузно Министерство за внатрешни работи потврди дека ќе ги заостри критериумите за испитите по германски јазик – клучен предуслов за добивање дозвола за постојан престој, а подоцна и германско државјанство. Оваа одлука доаѓа како одговор на зголемениот број обиди за измама на овие испити, пренесува „Дојче веле“.

Според новата регулатива на Министерството, во која увид имал весникот „Билд“, учесниците на курсевите за интеграција незаконски доаѓале до прашањата и клучот со точните одговори за деловите од тестот што се однесуваат на слушање и читање. Овој дел се состои од 45 прашања од типот „избери еден од понудените одговори“.

Испитот вклучува и писмен дел – составување краток текст – кој, според регулативата, учесниците често го оставале целосно празен. И покрај тоа, се сметало дека кандидатите го положиле испитот доколку покажале добри резултати во првиот дел и успешно го завршиле усниот дел (зборување) на ниво на владеење Б1.

Како резултат на тоа, Министерството одлучи да ги заостри барањата за испитот. Отсега, кандидатите мора да покажат владеење во сите три области: слушање/читање, пишување и зборување. Понатаму, тие мора да постигнат најмалку ниво А2 во областа во која се најслаби. Повеќе нема да биде можно да се положи испитот доколку кој било од деловите не го достигне овој минимален стандард.

Измените на „Правилникот за испити на курсевите за интеграција“ ќе стапат на сила на 1 ноември. „Германскиот тест за доселеници“ (DTZ) претставува завршен испит за курсевите за интеграција организирани од Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (BAMF). За да добијат сертификат за положен испит, учесниците мора да постигнат вкупен резултат на ниво А2 или Б1, согласно Заедничката европска референтна рамка за јазици.

Според податоците на BAMF, минатата година 318.550 доселеници го полагале тестот по германски јазик. Од нив, 175.193 го достигнале нивото Б1, што овозможува комуникација на германски јазик во секојдневни ситуации. Пониското ниво, А2, го достигнале 102.663 кандидати, додека 40.694 останале под нивото А2.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни