Физичка пресметка меѓу пратеници од владејачкото мнозинство и опозицијата ја прекина денешната седница на албанскиот парламент, откако политичките тензии прераснаа во туркање и тепачка во собраниската сала.
Според албанските медиуми, инцидентот се случил за време на гласањето по една од точките на дневниот ред, кога пратеникот на опозициската Демократска партија, Фламур Нока, се упатил кон местата на кои седат пратениците од мнозинството и почнал да ги зема картичките за гласање. Во инцидентот се вклучиле и други опозициски пратеници.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога пратеникот Фидел Крека, исто така од Демократската партија, влегол во конфликт со поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник на владејачката Социјалистичка партија, Ервин Хоџа.
Крека најпрво удрил со картичката за гласање, а потоа го турнал Хоџа, по што меѓу двајцата дошло до физичка пресметка.
Во конфликтот се вмешале и други пратеници од мнозинството и опозицијата, при што собраниската сала се претворила во сцена на хаос, со меѓусебни туркања и обиди за физичка пресметка.
Претседателот на парламентот, Нико Пелеши, се обидел да ја продолжи седницата и покрај тензиите. По околу еден час исполнет со вербални и физички конфликти, работата на парламентот била завршена.
Истовремено, пред зградата на парламентот се собрале голем број демонстранти, додека полицијата распоредила засилени сили за обезбедување на институцијата.
Инцидентот се случува во услови на засилени политички тензии во Албанија и протести против власта, кои дополнително ги продлабочуваат несогласувањата меѓу владејачката Социјалистичка партија и опозициската Демократска партија.