Македонија

Петровска: Филипче беше носител на изборниот настап во 2024 година – не може поразите да останат без анализа

Петровска: Филипче беше носител на изборниот настап во 2024 година – не може поразите да останат без анализа

Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека СДСМ не може да продолжи напред без сериозна анализа на изборните порази и утврдување на причините за слабите резултати.

Таа нагласи дека одговорноста не треба да се сведува на поединци, туку да се разгледува поширокиот политички и организациски контекст во кој партијата ги загубила изборите.

„Кога вие немате сериозна анализа и кога не ги поставувате на ѕидот на срамот тие што биле одговорни, но не ги детектирате слабостите, тогаш не можете да продолжите“, истакна Петровска.

Таа посочи дека не била дел од раководството во 2021 година, но дека тоа не значи оти не чувствува одговорност за состојбите во партијата.

Осврнувајќи се на парламентарните избори во 2024 година, Петровска го спомена Венко Филипче како носител на изборниот настап на СДСМ, нагласувајќи дека изборниот резултат мора да се разгледува низ поширока слика.

„Не е прашањето за тоа дали ни се исти презимињата, кого ќе повикаме на одговорност за изгубените избори“, порача таа, повикувајќи на анализа на политичките одлуки и на слабостите што довеле до поразите.

Петровска смета дека партијата мора да ги затвори претходните поглавја преку искрена анализа, наместо да ги избегнува непријатните прашања за одговорноста.

Според неа, без таков пристап нема вистинска обнова на СДСМ ниту создавање услови за подобри изборни резултати во иднина.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни