Пратеничката Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати критики до актуелната власт за застојот на евроинтегративниот процес, оценувајќи дека недостасува политичка волја за исполнување на условите што се неопходни за продолжување на преговорите со Европската Унија.
Според Петровска, и покрај најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека по доаѓањето на власт ќе обезбеди подобра преговарачка рамка, досега не е понудено конкретно решение.
„Се плашам дека има сериозен недостаток на политичка волја процесот политички да се помести напред. Или, да бидам многу подиректна, не гледам дека има каква било волја кај власта да направи исчекор во поглед на уставните измени“, истакна Петровска.
Таа потсети дека уште во 2022 година, кога се разговарало за францускиот предлог, претставниците на тогашната опозиција тврделе дека можат да обезбедат подобри услови за државата.
„Тие тврдеа дека кога ќе дојдат на власт, сè ќе биде подобро, па вклучително и преговарачката рамка. За жал на Македонија и за жал на сите граѓани, особено на оние кои секојдневно заминуваат или ги пакуваат куферите за да си одат оттука, нема промена на преговарачката рамка“, рече Петровска.
Пратеничката нагласи дека европските интеграции не смеат да бидат изговор за одложување на домашните реформи, особено во борбата против корупцијата.
„Кога сте власт, не може постојано да одите со реториката дека некој друг нема право. Тоа не поминува во европските кругови. Таму се бара одговор, а власта треба да го даде“, порача Петровска во „Ноќно студио“.