Пратеничката Славјанка Петровска порача дека опозицијата е подготвена да поддржи решение за деблокирање на евроинтегративниот процес, доколку Владата понуди конкретен и одржлив предлог што ќе биде прифатен од Европската Унија.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска истакна дека одговорноста за изнаоѓање решение е кај актуелната власт, која пред изборите ветувала поинаков пристап во преговорите.
„Ако им требаат нашите гласови, имајќи ја предвид и нашата определба за членство во Европската Унија, поддршката ќе ја добијат. Предлогот треба да дојде од нив“, рече Петровска.
Според неа, премиерот, министерот за надворешни работи и останатите владини претставници треба да објаснат до каде се разговорите и како планираат да го надминат застојот.
Таа нагласи дека не инсистира Владата да го преземе претходниот предлог за уставни измени, туку да го претстави решението што самата го смета за најдобро.
„Треба да дадат предлог за кој тие сметаат дека е најдобар за нас. Ако тоа навистина е одржливо, не само да го усвоиме во Собранието, туку да биде прифатено и од Европската Унија, апсолутно ќе дојдам во ова студио и ќе го поздравам тоа“, истакна Петровска.
На директното прашање дали во таков случај би дала поддршка во Собранието, таа одговори потврдно.
„Апсолутно, да“, порача Петровска.