Десет возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за безобѕирно управување со моторно возило. Шестмина од нив возеле без положен возачки испит, тројца биле под дејство на алкохол, а еден управувал возило и покрај активната забрана за возење.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицата се сомничат за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
Без положен возачки испит возеле шест лица: А.Д. (18), Ш.О. (39) и Љ.Џ. (22), сите од Скопје, З.Б. (33) од Битола, С.И. (34) од Прилеп и 17-годишник од Кичево, кој претходно учествувал во сообраќајна несреќа.
Полицијата го лишила од слобода и И.С. (32) од селото Елово, општина Студеничани, кој управувал возило и покрај тоа што имал активна забрана за управување.
Другите тројца возачи биле под дејство на алкохол. Станува збор за А.К. (48) од Битола, П.П. (24) од селото Лески, виничко, и М.В. (29) од Кочани. Последните двајца претходно учествувале во сообраќајни несреќи.
По целосното документирање на случаите, против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за возење или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесат за поголема безбедност на патиштата.