Европа треба да биде поблиску до граѓаните, не преку празни ветувања, туку преку конкретни резултати, порача вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос во Брисел.
На средбата се разговараше за европската иднина на Македонија и за можностите што ги нуди новиот пристап на Европската Унија кон проширувањето.
– За нас, постепената интеграција е можност реформите да се претворат во директни придобивки: поевтини плаќања преку SEPA, подобра дигитална поврзаност, нови можности за бизнисите и поголема пристапност до европските програми, истакна Сали.
Тој нагласи дека земјата останува посветена на реформската агенда и очекува напредокот да се вреднува исклучиво според заслугите, проследен со конкретни чекори кон полноправно членство.
Сали изрази задоволство што комесарката Кос имаше можност директно да им се обрати на македонските граѓани преку интервју за медиумите, повторувајќи дека евроинтеграцијата мора да биде процес што луѓето го чувствуваат во секојдневниот живот.
За време на тридневната посета на Брисел, каде што се разгледаа и Планот за раст и севкупниот интегративен процес, Сали остварува низа средби со високи претставници на европските институции за продлабочување на соработката со ЕУ.