Македонија

Македонски новинари утрово вратени од српската граница по едночасовно задржување

Македонски новинари утрово вратени од српската граница по едночасовно задржување

Екипа на македонска национална телевизија утрово била вратена од границата со Србија, каде што патувала за да известува за денешните предвремени парламентарни избори.

Според првичните информации, новинарите биле задржани околу еден час на граничниот премин, по што не им бил дозволен влез во Србија. Како причина било наведено тоа што немале акредитации за следење на изборниот процес.

Инцидентот се случува на денот кога во Србија се одржуваат предвремените парламентарни избори, за кои постои голем интерес и кај странските медиуми.

Само еден ден претходно, Здружението на новинари на Србија (УНС) предупреди на проблеми со акредитацијата на странските новинари. Според здружението, дел од странските редакции не добиле одговор од надлежните институции, иако поднеле барања за акредитација.

Републичката изборна комисија на Србија соопшти дека странските новинари треба да добијат акредитации преку Министерството за информирање и телекомуникации.

Засега нема официјално образложение од српските власти за денешното враќање на македонската телевизиска екипа, ниту потврда дали недостигот на изборна акредитација бил единствената причина за одбивањето влез.

И вчера македонски новинарски екипи се соочија со долги задржувања на српската граница. Дел од нив чекале повеќе од два часа, но на крајот добиле дозвола за влез во земјата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни