Македонија

„Разговори за иднината“: Потребно е обединување на прогресивната опозиција и една изборна единица

„Разговори за иднината“: Потребно е обединување на прогресивната опозиција и една изборна единица

Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ повикаа на обединување на прогресивната опозициска јавност во Македонија и на воведување една изборна единица со отворени листи пред следните парламентарни избори. Во соопштение по повод изборите во Србија и Бугарија, тие оценуваат дека политичките процеси кај соседите носат пораки и за домашната политичка сцена.

Од иницијативата ѝ ја честитаат победата на Студентската листа во Србија, оценувајќи дека нејзината истрајност, упорност и принципиелност ја донеле довербата на гласачите.

Според организаторите, резултатот покажува дека граѓаните се заситени од традиционалните политички опции и долгогодишните политичари и се насочуваат кон автентични демократски коалиции. Тие посакуваат брзо нормализирање на состојбите во Србија по речиси две години протести и политички тензии, нагласувајќи дека тоа е важно за стабилноста на регионот.

Во делот за Бугарија, организаторите упатуваат критики кон Илијана Јотова, обвинувајќи ја дека го искористила случајот со Ива Михајлова во изборната кампања. Од неа бараат да иницира постапка за екстрадиција на Михајлова во Македонија и нејзино соочување со правдата.

Воедно, предупредуваат дека пораките од бугарската изборна кампања што ги оценуваат како провокативни ги нарушуваат билатералните односи и го зголемуваат притисокот во Македонија за преиспитување на Договорот за добрососедство.

„Политичката борба за полноправно членство во ЕУ не подразбира безусловна подготвеност на национални отстапки“, наведуваат организаторите. Според нив, потребен е внатрешен консензус за реформите што го надминуваат мандатот на една влада.

Од иницијативата нагласуваат и дека студентите и младите во Македонија, независно од етничката и верската припадност, имаат интегритет и капацитет да бидат значаен фактор во политичките промени.

„Без вистинско обединување на целокупната опозициска прогресивна демократска јавност е речиси невозможно да се победат десничарските популистички власти на Балканот“, порачуваат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни