Новата методологија за пресметка на просечната потрошувачка кошница треба да обезбеди реална и транспарентна слика за трошоците на домаќинствата, која ќе послужи како основа за креирање економски и социјални политики. Ова беше една од темите на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која социјалните партнери разговараа за прашања поврзани со работниците, работодавачите и животниот стандард на граѓаните.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека целта на новиот начин на пресметка не е да се прикаже пониска вредност на потрошувачката кошница, туку да се добие објективен и статистички заснован приказ на потребните средства за живот.
Според Дурмиши, податоците треба да бидат проверливи и транспарентни, за да можат институциите да носат одговорни одлуки и да креираат мерки што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и зачувување на куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата. Податоците треба да ни служат како основа за носење одговорни одлуки и мерки што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и заштита на куповната моќ на граѓаните“, нагласи Дурмиши.