Македонија

Личната карта и возачката дозвола наскоро и на мобилен телефон – почнува примената на електронскиот паричник

Личната карта и возачката дозвола наскоро и на мобилен телефон – почнува примената на електронскиот паричник

Покрај пластичните документи, граѓаните наскоро ќе можат да ја користат и дигиталната верзија на личната карта и возачката дозвола преку својот мобилен телефон. Официјалната промоција на електронскиот паричник е најавена за среда, 28 октомври, а неговата примена треба да започне од четврток.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, уверува дека апликацијата е дизајнирана со посебен акцент на безбедноста и заштитата на личните податоци.

Како што објасни Андоновски, една од главните предности е тоа што граѓаните ќе можат самостојно да одлучуваат кои лични податоци ќе ги споделат при идентификација, наместо да ги откриваат сите информации што се содржани во физичките документи.

На пример, при легитимирање во банка, бар или друг локал, корисникот ќе може да избере кои податоци сака да ги сподели. Тоа ќе се реализира преку QR-код за еднократна употреба, кој се генерира во апликацијата и се скенира од лицето што треба да ги добие информациите. Податоците ќе бидат достапни само со дозвола на корисникот, а кодот ќе истекува по 10 до 15 секунди и нема да може повторно да се употреби.

„Многу внимание посветивме на безбедноста“, посочи министерот.

Електронскиот паричник е прв чекор кон поширока дигитализација на личните документи и услуги. Според Андоновски, целта е постепено да се воведуваат дополнителни функционалности, нови услуги и други документи, како дел од процесот на приближување кон европскиот дигитален паричник.

„Ова е почеток на еден процес што треба да нè доведе до европскиот дигитален паричник, кој ќе значи целосна дигитализација на документите. Се надевам дека паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе додаваме и нови услуги, можности и документи за граѓаните“, изјави Андоновски.

Со воведувањето на електронскиот паричник, граѓаните ќе добијат можност основните податоци од личната карта и возачката дозвола да ги носат во дигитална форма, со контрола врз тоа кога и кои информации ќе ги споделуваат.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни