Оперативни информации од македонската полиција довеле до заплена на 68 килограми кокаин во Франција, во акција спроведена во рамки на меѓународната полициска соработка. Дрогата била пронајдена во товарно моторно возило на наплатната станица Фонтен, кое го управувал 44-годишен македонски државјанин со иницијали М.Ф.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акцијата била реализирана врз основа на оперативни информации обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога.
Информациите преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи, по што следувала заплената на кокаинот.
Од МВР посочуваат дека ова е втора успешна меѓународна акција во период од еден месец, реализирана со придонес на македонската полиција. Претходно, во соработка со грчката полиција, биле запленети 324 килограми марихуана.
Според Министерството, ваквите резултати ја потврдуваат важноста на навремената размена на оперативни информации и координацијата меѓу полициските служби во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со дрога.