Српскиот претседател Александар Вучиќ остро го осуди упадот на група граѓани во просториите на телевизијата „Информер“, оценувајќи го инцидентот како напад врз слободата на говорот, медиумите и новинарството.
„Вечерва гледавме насилство без преседан, монструозно насилство. Упад во ‘Информер’, напад врз слободата на изразување, слободата на јавниот збор и слободата на новинарството“, изјави Вучиќ.
Тој ја обвини Европската Унија и дел од новинарските здруженија дека молчат за инцидентот, посочувајќи дека реакциите би биле сосема поинакви доколку сличен напад се случел врз телевизијата Н1.
Вучиќ го критикуваше и Илија Срдановиќ, носител на Студентската листа, тврдејќи дека одбил да интервенира кога главниот уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, побарал помош за повлекување на собраните граѓани.
„Имаме работа со опасни и неодговорни луѓе кои мислат дека сите треба да се плашат од нив. Многу се излажале. Ние воопшто не се плашиме“, порача Вучиќ.
Тој оцени дека случувањата покажуваат колку е сериозна политичката ситуација по изборите во Србија, нагласувајќи дека неговите политички противници не знаат како да се справат со изборната победа.
„Ни останува да се подготвиме за долга, тешка и мачна борба, од која ќе излеземе како победници“, порача Вучиќ.