Царински службеници заплениле 135 килограми режан тутун и 30 литри алкохол при контрола на тезги на зелениот пазар во Чаир. Според Царинската управа, за производите не била платена акциза во вкупен износ од 337.558 денари.
Во акцијата учествувале службеници од Царинарница Скопје и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи. При контролата биле затекнати три лица кои, како што соопшти Царината, продавале акцизни производи без акцизни маркички.
Против две лица се поднесени прекршочни пријави. За третото лице е најавена кривична пријава, бидејќи, според Царинската управа, продавало производи за кои не била платена акциза во износ од 257 илјади денари.
Од Царината наведуваат дека спроведуваат засилени истраги за увозот на тутун и тутунски производи, како и контроли на внатрешниот пазар, со цел сузбивање на нелегалната трговија.