Слободни медиуми, промени во полицијата и обвинителството и борба против корупцијата се меѓу првите приоритети што ги најавува Илија Срдановиќ, носител на листата „Студентите победуваат“ во Србија. Во изјава за Ал Џезира, тој вели дека по формирањето на власта, фокусот ќе биде врз средувањето на состојбите во државата, вклучително и работата на Регулаторното тело за електронски медиуми – РЕМ.
„Најпрво мора да имаме слободни медиуми за да можеме понатаму да градиме здрава средина за сè останато“, изјави Срдановиќ.
Говорејќи за односите со соседните земји, тој најави отстапување од политиката на Александар Вучиќ, кого го обвини дека ги користел регионалните тензии за дневнополитички цели.
Во меѓувреме, студентите во блокада побараа итни оставки од генералниот директор на Радио-телевизија Србија, неговиот заменик и уредниците надлежни за информативната програма. Во отворено писмо до раководството и Управниот одбор на РТС, Советот на РЕМ и српското Собрание, тие бараат работата на јавниот сервис да продолжи непречено, со привремена управа чиј состав би го предложила Студентската листа во договор со репрезентативните синдикати.
Од четворица членови на Советот на РЕМ бараат јавно објаснување зошто гласале против вклучувањето на „Информер“ во изборниот мониторинг, иако, според студентите, претходно дале поддршка. Во писмото се бара и независно, навремено и неселективно постапување на регулаторот.
Повеќе организации и новинарски здруженија, пак, поднеле иницијатива за одземање на дозволата за емитување на ТВ Информер. Како причина наведуваат долгогодишно систематско прекршување на законите и програмските обврски, за кое тврдат дека РЕМ досега не изрекувал санкции.
Барањата доаѓаат по инцидентот во редакцијата на „Информер“, каде што, според извештајот на Ал Џезира, група луѓе влегла и ја прекинала програмата. Главниот уредник Драган Ј. Вучиќевиќ потоа ги обвини дека се обиделе да го убијат.
Срдановиќ ги повика граѓаните да останат мирни и достоинствени и да не прибегнуваат кон насилство. Студентите во блокада порачаа дека не поддржуваат упади во медиуми и институции, ниту повикуваат на такви постапки.
Промени веќе се случуваат во Радио-телевизија Војводина. По оставката на вршителот на должноста главен уредник на Првата програма, Ненад Ќаќиќ, централната информативна емисија на овој јавен сервис почнала со снимки од славењето по изборите и извинување за долгогодишното необјективно известување.
Новиот директор на програмата, Предраг Новковиќ, за Ал Џезира изјави дека иницијативата произлегла од група новинари, претежно собрани околу синдикатот „Независност“, кои со години барале промена на уредувачката политика. За главен уредник на Првата телевизиска програма е назначен Блажа Поповиќ.
Новковиќ вели дека ги разбира и критиките оти извинувањето не е доволно, но ја отфрла оценката дека новинарите дотогаш биле пасивни. Како пример ги посочи „слободните дневници“ што ги организирале со студенти и граѓани, како протест против уредувачката политика.
За останувањето на генералниот директор Горан Караџиќ, чија смена ја побарале новинарски организации поради учество во кампањата на Вучиќ, Новковиќ рече дека вработените немаат овластување да го разрешат и дека таа одлука е во надлежност на Управниот одбор.