Сите пет кандидати за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се докажани професионалци и кој и да биде избран, нема да биде погрешен избор, оцени државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Во изјава по повод изборниот процес, Савески истакна дека е значајно што самите јавни обвинители одлучуваат кој ќе раководи со ова обвинителство.
„Се надевам дека направениот избор ќе биде јавен обвинител кој ќе одговори доследно на задачите што стојат пред него“, изјави Савески.
Тој очекува со идниот раководител да придонесат за јакнење на довербата во обвинителството и за ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање за квалитетите на кандидатите, Савески рече дека сите петмина имаат професионални капацитети да одговорат на обврските што ги носи функцијата.
„Кој и да биде избран, нема да биде погрешен избор“, нагласи тој.
Савески посочи дека ова обвинителство има големо значење не само за јавнообвинителскиот систем, туку и за угледот на државата.