Лансирана m.Uslugi: Електронски документи и јавни услуги преку мобилен телефон
Министерството за дигитална трансформација денеска ја лансираше мобилната апликација m.Uslugi, преку која граѓаните добиваат пристап до електронски документи и до првите достапни јавни услуги. Апликацијата е бесплатна, а нејзиното користење е доброволно и не ги заменува постојните начини на комуникација со институциите, соопшти Министерството.
На презентацијата во Македонската филхармонија, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник.
„Ова не е фотографија од личната карта, ниту PDF документ. Ова е електронска верзија на документот во мобилниот телефон“, рече Андоновски.
Меѓу демонстрираните функционалности беше и селективното споделување податоци. Според Министерството, апликацијата овозможува корисникот да ја сподели само информацијата што е потребна за одредена проверка. На пример, при потврдување полнолетство не би морало да се откриваат адресата, бројот на документот и останатите лични податоци.
Андоновски истакна дека целта е административните постапки да се поедноставуваат, а не само да се префрлат од шалтер на мобилен телефон. Според него, институциите треба да утврдат кои чекори можат да се отстранат и кои податоци веќе ги поседуваат и можат безбедно да ги разменуваат.
Тој нагласи дека апликацијата ќе се надградува. Во следните фази се предвидени интегрирани плаќања, можност за користење фотографија во постапките каде што е потребна, дополнителни електронски документи, меѓу кои изводи, уверенија и дипломи, како и проширување на бројот на услуги.
„Нема прво да дигитализираме што е најлесно за администрацијата. Ќе дигитализираме што им е најпотребно на граѓаните“, порача Андоновски.
Концептот за m.Uslugi бил развиен во рамките на европскиот проект GovTech4All, преку програмата Digital Europe. Андоновски посочи дека идејата започнала во 2024 година, по неговото запознавање со украинскиот модел Diia.
Министерот ги повика институциите да се вклучат со нови услуги и поврзување на системите, а граѓаните и медиумите да ја тестираат апликацијата и да пријавуваат недостатоци.
Според Андоновски, успехот ќе се оценува според заштеденото време на граѓаните, отстранетите непотребни административни чекори и бројот на услуги што ќе можат целосно да се завршат дигитално.