Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека со оптимизам гледа на случувањата во Србија и очекува позитивни ефекти од промените во власта.
Говорејќи за геополитичките процеси во регионот и пошироко во Европа, поврзани со протестите на студентите и граѓаните, Гаши нагласи дека новите генерации не сакаат долго да чекаат и бараат побрзо исполнување на своите очекувања за подобар живот.
„Во принцип сум човек што гледа оптимистички на работите. Сметам дека секоја промена треба да биде позитивна. И промените што се случија во регионот ги поздравувам и очекувам позитивен ефект од нив“, изјави Гаши по редовната средба со новинарите.
Тој оцени дека е добро кога новата генерација, особено студентите, се предводници на протести и имаат поинакви барања и очекувања од своите држави. „Тоа е порака што сите држави, без разлика дали има протести или не, треба да ја прочитаат. Новата генерација не сака да чека и бара денес да се исполнат очекувањата. Ако навреме ги препознаеме овие знаци, можеме да придобиеме од брановите промени што ги носат новите генерации“, рече Гаши.
На прашањето за можноста од прелевање на протестите и кај нас, тој одговори дека не гледа на тоа како на негативен процес и подвлече дека Владата и општеството во целина интензивно и заеднички работат за да одговорат на барањата на граѓаните.
„Знам дека барањата и очекувањата секогаш се повисоки од можностите што можеме да ги испорачаме, но ако граѓаните видат дека се трудиме и сакаме да помогнеме, тогаш постои и трпение. Затоа треба навреме да ги прочитаме овие пораки и да реагираме предвреме“, додаде Гаши.