Македонија

Алармантни податоци: Мозочниот удар сè почесто ги погодува младите – на Неврологија се лекувала и 16-годишна девојка!

Алармантни податоци: Мозочниот удар сè почесто ги погодува младите – на Неврологија се лекувала и 16-годишна девојка!

Мозочниот удар повеќе не е заболување кое ги погодува само повозрасните граѓани. Лекарите предупредуваат дека возраста на пациентите се намалува, а на Клиниката за неврологија била лекувана и девојка на само 16 години.

Загрижувачки се и податоците за бројот на заболени, како и фактот што голем дел од пациентите предоцна бараат лекарска помош, со што се намалуваат можностите за успешно лекување и спречување на трајни последици.

Колку е важна превенцијата покажува и случајот на 74-годишен пациент, кој без никакви симптоми дошол на превентивен преглед на Клиниката за неврологија. По направениот ултразвучен преглед на крвните садови, лекарите откриле висок ризик од мозочен удар, поради што пациентот веднаш бил хоспитализиран.

Од вкупно 160 граѓани опфатени со превентивните прегледи, кај дури 40 проценти биле откриени одредени промени. Овие лица ќе бидат повикани на дополнителни медицински испитувања.

Посебен проблем претставува доцното пристигнување во здравствените установи. Според лекарите, само околу стотина пациенти примаат тромболитична терапија, која може значително да ги намали последиците и ризикот од инвалидитет. Ваквиот третман е достапен и во уште неколку здравствени установи низ државата, но бројот на пациенти кои го добиваат останува мал.

Причините се различни. Дел од пациентите пристигнуваат неколку часа по појавата на првите симптоми, кога веќе е поминат временскиот период во кој може безбедно да се примени одредена специфична терапија. Други, пак, поради транспортни или организациски потешкотии не успеваат навреме да стигнат до болница.

За сериозноста на ова заболување говорат и статистичките податоци, според кои минатата година во Македонија од мозочен удар починале повеќе од 2.200 граѓани.

Лекарите нагласуваат дека голем дел од случаите може да се спречат со навремена превенција, редовни здравствени контроли, следење на крвниот притисок, регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, физичка активност и здрав начин на живот.

При ненадејна слабост на рака или нога, искривување на лицето, нарушен говор или други знаци на мозочен удар, неопходно е веднаш да се побара итна медицинска помош. Секоја минута е важна за спасување живот и намалување на ризикот од траен инвалидитет.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни