Најмалку 14 лица загинаа во руски напад со дрон врз железничка станица во украинскиот град Днипро, додека нови удари беа регистрирани и во други делови од земјата.
Според украинските власти, беспилотно летало погодило перон на кој имало патници и возови што се подготвувале за поаѓање. Покрај загинатите, пријавени се и повеќе повредени лица.
Во Харков била погодена образовна институција, додека во Чернихив и Кременчук биле регистрирани нови жртви во нападите врз цивилни подрачја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот врз железничката станица и побара посилен меѓународен притисок врз Москва.
Во меѓувреме, украинските сили извршија масовни напади со беспилотни летала кон Москва и околниот регион. Руските власти соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнала голем број дронови.
И покрај продолжувањето на борбите, локалното хуманитарно примирје во областа Херсон останува во сила, со цел да се овозможи доставување помош до цивилите во погодените населени места.
На дипломатски план продолжуваат напорите за организирање нови разговори меѓу Украина, Русија и САД. Засега нема официјално утврден датум за следната трилатерална средба.