Повиците за административни прашања, меѓучовечки недоразбирања и секојдневни проблеми ја оптоваруваат линијата за итни случаи 112. Поради тоа, Центарот за управување со кризи упати апел до граѓаните бројот да го користат одговорно и само кога постои реална опасност и е потребна итна интервенција.
Од ЦУК информираат дека во изминатиот период забележале голем број повици кои немаат итен карактер, а се однесуваат на ситуации за кои граѓаните треба да се обратат до соодветните институции преку нивните редовни контакт-канали.
Оттаму предупредуваат дека секој непотребен повик го одзема времето на операторите и го намалува капацитетот на телефонските линии, додека во исто време може да има граѓани на кои им е потребна неодложна помош.
„Во истиот момент, на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозен, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност“, посочуваат од Центарот.
Од ЦУК потсетуваат дека на бројот 112 треба да се пријавуваат случаи во кои постои непосредна опасност по животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина, а е потребна интервенција на полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните служби или други надлежни институции.
За проблеми кои не бараат итна реакција, граѓаните треба да се обратат директно до институцијата надлежна за нивно решавање.
Апел е упатен и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и општините да не го користат бројот 112 како општ контакт за информации, административни пријави или евидентирање материјална штета.
Од ЦУК нагласуваат дека 112 е единствениот европски број за итни случаи, а не информативна линија или сервис за решавање секојдневни проблеми. Оттаму повикуваат линијата да остане достапна за граѓаните на кои секоја секунда им е важна.