Изградбата на новата патна инфраструктура треба да ѝ овозможи на Македонија полесен пристап до три регионални пристаништа и да отвори нови можности за трговија и економска соработка. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со заменик-претседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Николоски посочи дека инфраструктурното поврзување со соседните земји е еден од приоритетите на Владата, особено имајќи предвид дека Македонија е држава без излез на море.
Како еден од клучните проекти го посочи автопатот Скопје–Блаце, чија изградба започна кон крајот на август. Според него, овој патен правец ќе овозможи директно автопатско поврзување со Црна Гора и пристап до пристаништето Бар.
„Македонија на крајот на август месец почна да го гради автопатот Скопје–Блаце, којшто значи директно поврзување со Црна Гора, автопатско поврзување и значи отворање на Македонија кон трето пристаниште, тоа е пристаништето Бар“, изјави Николоски.
Тој потсети дека земјата веќе има поврзаност со пристаништето Солун, додека се гради и инфраструктурна врска кон пристаништето Драч во Албанија.
Според вицепремиерот, поврзувањето со трите пристаништа ќе придонесе за поголеми можности за домашните компании, полесен транспорт на стоки, проширување на трговската соработка и пристап до нови пазари.