Туркије продолжува да ги зацврстува своите позиции на светската туристичка мапа, бележејќи извонредни резултати од туризмот и оваа година. Според последните објавени податоци, во првите девет месеци од 2026 година, приходите од туризмот во земјата достигнаа 51,3 милијарди американски долари, што е зголемување од 2,4% во споредба со истиот период минатата година и највисоко ниво досега забележано за овој период од годината. Особено успешни резултати се остварени и во третото тримесечје, кога туристичките приходи пораснаа за 5%, достигнувајќи 25,5 милијарди долари.
Овие резултати беа презентирани на прес-конференција во Истанбул, на која министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој ги претстави туристичките показатели. Според него, меѓународните патувања годинава се соочија со исклучителни предизвици. Конфликтите во регионот, ограничувањата во воздушниот простор, како и зголемувањето на цените на енергенсите и авионските билети, влијаеја врз одлуките за патување, капацитетите на авиокомпаниите и програмите на туроператорите. Во услови на вакви случувања, Туркије се издвои како остров на стабилност.
„Од 2018 година преземаме конкретни и внимателно осмислени чекори за да го направиме нашиот туристички сектор поотпорен на кризи. Со основањето на Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA), ја направивме промоцијата континуирана и систематска. Ги проширивме пазарите од кои доаѓаат туристите и ја направивме побогата и поразновидна туристичката понуда. Остварувањето на највисоките приходи досега во третото тримесечје и во првите девет месеци од годината, во една ваква година, ја потврдува вредноста на овој пристап“, изјави Ерсој.
Тој додаде дека во претстојниот период, покрај зачувувањето на позициите на главните туристички пазари, ќе се интензивираат активностите за привлекување посетители од пазарите со висок потенцијал, особено од Северна и Јужна Америка, Канада, Источна Азија, Африка и Океанија.
Позитивните движења се забележуваат и во туристичката потрошувачка и должината на престојот. Во првите девет месеци од 2026 година, просечната должина на престој се зголеми за 0,3%, достигнувајќи 10,34 ноќевања, додека просечната потрошувачка по ноќевање пораснала за 4,6% и изнесувала 107,7 американски долари.
Вкупниот број посетители во Туркије во наведениот период достигнал 49,1 милион. Руската Федерација со 5,70 милиони посетители, Германија со 5,17 милиони и Обединетото Кралство со 3,20 милиони посетители останаа трите најголеми туристички пазари за земјата.