Вистинска полициска драма се одвивала во четвртокот вечерта во швајцарскиот град Сент Гален, откако 51-годишен македонски државјанин бил осомничен дека нападнал 36-годишен Полјак. Поради сомневање дека напаѓачот поседува огнено оружје, на терен биле испратени повеќе полициски патроли, специјална единица и преговарачки тим.
Инцидентот се случил на 29 октомври, околу 21:20 часот, во зграда на улицата Мецгергасе. Повредениот Полјак пријавил дека бил удрен со револвер, по што полицијата започнала опсежна акција. Тој со полесни повреди бил пренесен во болница.
Поради безбедносни причини, полицијата блокирала две улици, а гостите од околните барови и локали биле евакуирани. Според очевидци, полицајците биле вооружени со автоматско оружје и носеле панцири и шлемови.
Непосредно пред полноќ бил приведен 51-годишниот Македонец. Меѓутоа, полициската истрага утврдила дека при нападот не било употребено огнено оружје, туку метален карабинер, кој бил пронајден и одземен од станот.
По завршувањето на полициските проверки, Македонецот бил пуштен на слобода. Според швајцарската полиција, станува збор за дело што се гони по пријава на оштетениот, а таква пријава засега не е поднесена.
Полициската интервенција завршила пред еден часот по полноќ. Надлежните соопштиле дека во ниту еден момент немало опасност за пошироката јавност.