Граѓаните кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола во наредниот период ќе можат да користат најмногу 10.000 денари неделно од своите средства, преку платежните картички издадени од банката. Ова е една од привремените мерки што ги соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на вонредната прес-конференција.
Одлуката следува по информациите за одземањето на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград и исполнувањето на условите за поведување стечајна постапка во Србија.
Славески информираше дека Извршниот одбор на Народната банка, на седницата одржана на 1 ноември 2026 година, донел решение за воведување привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола, кое веќе стапило во сила.
Со оваа одлука, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица назначени од Народната банка, кои ќе постапуваат во рамките на доделените овластувања.
„Во интерес на граѓаните, а со цел извршување на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од банката“, истакна Славески.
Тој нагласи дека сите интерни плаќања меѓу сметките на физичките и правните лица во рамките на банката ќе продолжат да се извршуваат без ограничување на износот.
Според гувернерот, „Алта банка“ АД Битола е високо капитализирана и ликвидна, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.
Од Народната банка уверуваат дека мерките се од привремен карактер и се воведуваат со цел заштита на имотот на банката и интересите на штедачите.
Воедно, гувернерот потсети дека граѓаните и компаниите кои имаат кредити во банката треба да продолжат редовно и навремено да ги исполнуваат своите обврски.