Околу два милиони евра биле повлечени од „Алта банка“ АД Битола заклучно со вчерашниот ден, откри гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на денешната вонредна прес-конференција.
Според Славески, станува збор за средства повлечени во готовина, но и преку други трансфери, по случувањата поврзани со „Алта банка“ во Србија.
„Според информациите со кои располагаме, заклучно со вчерашниот ден, во готовина и преку други трансфери, од банката биле повлечени околу два милиони евра“, изјави гувернерот.
Тој потсети дека поради зголемениот обем на трансакции, картичните услуги на банката биле привремено суспендирани, но нивното функционирање било повторно воспоставено денеска точно напладне, по што граѓаните повторно можеле да располагаат со средствата.
Славески појасни дека Народната банка засега нема целосни податоци за денешните повлекувања.
Во однос на новововедениот лимит од 10.000 денари неделно за одлив од сметките на физичките лица, гувернерот објасни дека при определувањето на износот биле земени предвид просечната плата и просечната пензија, односно ориентациски месечен износ од околу 40.000 денари.
Тој изрази надеж дека ограничувањата ќе бидат краткотрајни, нагласувајќи дека банката продолжува со работа и има важечка дозвола.
Од Народната банка повторуваат дека воведувањето привремена администрација и ограничувањата за одлив на средства имаат цел да го заштитат имотот на банката и интересите на штедачите.