Поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, упати остри критики до гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по одлуката за ограничување на повлекувањето средства од „Алта банка“ на 10.000 денари неделно.
Во објава на Фејсбук, Петровска го повика Славески да преземе одговорност, прашувајќи како граѓаните со ваквото ограничување ќе ги покриваат основните животни трошоци.
„Славески, Вашата плата ќе легне цела. Граѓаните од Алта банка ќе си ги земаат сопствените пари на рати, по 10.000 денари неделно!“, напиша Петровска.
Таа прашува како граѓаните ќе плаќаат за лекување, кирија, сметки и храна, нагласувајќи дека штедачите не направиле ништо погрешно, туку своите средства ги довериле на банка која имала дозвола за работа.
Петровска побара од гувернерот јавно да објасни какви проверки биле направени пред одобрувањето на преземањето на банката, што покажувал супервизорскиот надзор и како дошло до ограничување на пристапот до средствата.
„Ако сте потфрлиле, поднесете оставка. Вашата функција носи одговорност и кога треба да се заштитат граѓаните“, порача таа.
Воедно, побара итно да биде соопштено колку долго ќе траат ограничувањата и како на граѓаните ќе им се овозможи да ги покријат неодложните трошоци.
Петровска најави дека одговори за случајот ќе бара и во Собранието, нагласувајќи дека граѓаните не треба да ги сносат последиците од евентуални институционални пропусти.