Одбраната на судијата Ѓоко Ристов на денешното судско рочиште презентираше материјални докази, меѓу кои и правно мислење изготвено од универзитетскиот професор Гордан Калајџиев. Ристов е обвинет за две кривични дела, откако во куќата на неговите родители беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.
Поради отсуство на двајца вештаци предложени од одбраната, кои требало да изработат ДНК-анализа на парите и економско вештачење, судот одлучи рочиштето да продолжи со изведување материјални докази.
Одбраната презентираше и графолошки вештачења, додека доказите со кои планира да ги оспори наодите за пронајдената ДНК на Ристов на парите, како и економското вештачење, ќе бидат презентирани на следното рочиште.
Посебно внимание предизвика правното мислење на професорот Калајџиев, на кое се повикува одбраната во однос на кривичното дело „Противправно стекнување и прикривање имот“. Според толкувањето на одбраната, ова дело не може да му се става на товар на судија, бидејќи законската одредба се однесува на службено или овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал.
„Тоа е правно мислење за правната квалификација на делото. Одбраната тврди дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи тоа се однесува на службено и овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а ништо од тоа не е судија“, изјави адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева, која го води предметот, има поинаков став за ваквото правно мислење. Таа оцени дека ваквите толкувања, презентирани под академски авторитет, немаат доказна тежина и не можат да го обврзат судот.
„Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиштето. Правните мислења дадени под нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користи овој тип на докази, кои во суштина не се докази“, изјави обвинителката.
Во текот на рочиштето, одбраната се откажа и од предложениот сведок Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, кој заедно со неговата сестра го посочи Ристов во постапката.
Следното рочиште е закажано за 20 ноември. Судот предупреди дека тогаш задолжително треба да присуствуваат техничките советници, откако судијката Билјана Коцевска го оцени нивното досегашно отсуство како неодговорно.
„Шест месеци да не биде завршено вештачењето и одбраната да не ги обезбедила потребните докази“, реагираше судијката.
Одбраната, пак, очекува економското вештачење да покаже дека родителите на Ристов имале финансиска можност да располагаат со пронајдената сума. Во прилог на ова тврдење се повикаа и на исказот на вештакот на Обвинителството, според кој родителите на Ристов за период од шест години оствариле заработка од 975.000 евра.