Македонија

Андоновски: Рекордни 20 милиони трансакции на платформата за интероперабилност во октомври

Андоновски: Рекордни 20 милиони трансакции на платформата за интероперабилност во октомври

Дигиталните услуги сè повеќе се користат од граѓаните, а октомври бележи досега најголем број трансакции на платформата за интероперабилност. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека минатиот месец биле реализирани рекордни 20 милиони трансакции, што претставува значителен раст во споредба со претходните години.

Како што посочи Андоновски, во просек се реализираат околу 650.000 трансакции дневно. За споредба, во текот на 2024 година бројот на трансакции изнесувал приближно 700.000 месечно.

„Тоа значи дека денес достигнуваме број на трансакции што претходно се реализирале за цел месец“, изјави Андоновски пред почетокот на деветтото издание на регионалната конференција за е-трговија, која се одржува во Скопје.

Раст бележи и порталот за електронски услуги, каде што се регистрирани 30.040 услуги, со што е надминат претходниот рекорд од 29.000 регистрирани во септември. Според министерот, особено голем интерес има за услугите достапни преку мобилната апликација m.Uslugi.

Андоновски најави дека во текот на оваа недела се очекува да биде пуштена и втората верзија на апликацијата, која ќе донесе дополнителни подобрувања.

Тој оцени дека дигитализацијата претставува нов почеток во односот меѓу државата и граѓаните, посочувајќи дека повеќе од 30.000 граѓани веќе ја препознале апликацијата и ја користат.

„Очекувам дека во наредниот период, со воведувањето нови услуги и поширокото прифаќање на апликацијата, таа ќе заземе значајно место во односот меѓу државата и граѓанинот“, потенцираше министерот.

Осврнувајќи се на посетата на Бон, каде што беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, Андоновски информираше дека дел од разговорите биле посветени на дигиталната трансформација и искуствата на „Дојче телеком“, особено во областа на сајбер-безбедноста.

Тој посочи дека компанијата располага со центар за сајбер-безбедност кој ги опслужува компаниите во рамки на групацијата, но и други клиенти ширум светот.

Според Андоновски, Владата прави напори да привлече слични инвестиции и во Македонија, со цел развој на нови компании од областа на сајбер-безбедноста и зајакнување на капацитетите на малите и средните претпријатија за нивна подобра дигитална заштита.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни