Македонија

Савески: Обвинителството ја следи ситуацијата со Алта банка, засега е рано да се зборува за истрага

Савески: Обвинителството ја следи ситуацијата со Алта банка, засега е рано да се зборува за истрага

Државното јавно обвинителство внимателно ги следи случувањата поврзани со Алта банка, но засега не може да потврди дали ќе преземе конкретни истражни дејствија. Државниот јавен обвинител Ненад Савески посочува дека институцијата ќе реагира доколку се утврдат индиции за кривично дело, но оценува дека во овој момент е прерано да се изнесуваат конкретни информации.

Савески ова го изјави денеска, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавните обвинители, во врска со случувањата околу Алта банка АД Битола, чиј мнозински сопственик е српската Алта банка АД Белград.

„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и оваа ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителство и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично-правен настан, ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа, не можам конкретно да ви одговорам во овој момент бидејќи е прерано“, изјави Савески.

На прашањето дали македонското Обвинителство побарало информации од српските правосудни органи, каде што веќе се води истрага за работењето на банката, Савески посочи дека досега не била остварена комуникација за конкретниот случај. Сепак, нагласи дека соработката со српското обвинителство е добра и дека евентуалната размена на информации би се одвивала без пречки доколку се појави потреба.

„Ние имаме прекрасна соработка со колегите од соседна Република Србија, така што доколку има потреба од такви податоци и комуникација со правосудните органи од Република Србија, тоа секако непречено би се остварило“, рече државниот јавен обвинител.

Случајот со Алта банка веќе неколку дена е во фокусот на јавноста во Србија и Македонија. Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на банката, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка.

Во меѓувреме, сопственикот на банката, Давор Мацура, беше уапсен на 2 ноември. По сослушувањето пред Обвинителството за организиран криминал, неговиот адвокат соопшти дека тој ги отфрлил наводите од кривичната пријава. На 4 ноември, Вишиот суд во Белград му одреди 30-дневен притвор на Мацура, како и на уште двајца вработени во банката.

Според сомневањата на српските истражни органи, Мацура ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел средства во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра. Двајцата вработени се осомничени дека му помогнале во извршувањето на делото.

Случувањата во Србија имаат директно значење и за Македонија, бидејќи Алта банка АД Белград од минатата година е мнозински сопственик на Алта банка АД Битола, по преземањето на Стопанска банка АД Битола.

По случувањата кај соседите, Народната банка на Македонија воведе привремена администрација во битолската банка и ограничувања за располагањето со средствата. Физичките лица имаат неделен лимит од 10.000 денари за готовински подигања и плаќања со картички, додека внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Од денеска, преку посебни шалтери, граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат до 20.000 денари неделно.

Дополнително, во Собранието треба да се одржи надзорна расправа за случајот, на барање на опозицијата. Од СДСМ, пак, во повеќе наврати побараа од Обвинителството да отвори истрага против премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, обвинувајќи ги за одговорност за влегувањето на Алта банка на македонскиот пазар.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни