Судските постапки за висока корупција и натаму се одвиваат бавно, а честите одложувања и застарувањето на предметите дополнително ја поткопуваат довербата во правосудниот систем. Европската комисија во најновиот извештај предупредува дека ваквата состојба ја зајакнува перцепцијата на неказнивост.
Како едно од решенијата за подобрување на ефикасноста се посочува дигиталното поврзување на институциите, кое треба да овозможи побрза размена на информации, поголема транспарентност и подобра координација при постапувањето по случаи на корупција, организиран криминал и безбедносни закани.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрид Исени, истакна дека модернизацијата на институционалните капацитети е неопходна за поефикасно спроведување на законите и справување со современите безбедносни предизвици.
Според него, континуираната соработка и заедничката одговорност на надлежните институции треба да придонесат системот ЛЕРПС да прерасне во значајна алатка за подобра координација и зајакнување на безбедноста на граѓаните.
На потребата од дигитализација укажа и директорот на Финансиската полиција, Ивановски, кој посочи дека институциите што поднесуваат кривични пријави честопати немаат целосен увид во понатамошниот тек на постапките.
Тој објасни дека по доставувањето на кривичната пријава, Финансиската полиција не секогаш располага со информации дали обвинителството поднело обвинение, дали пријавата е отфрлена или предметот веќе е во судска постапка.
Со воспоставувањето дигитална поврзаност, се очекува институциите да добијат подобар увид во статусот и исходот на предметите, што би овозможило поефикасно следење на постапките и поголема отчетност.
Институционалното поврзување и електронската размена на податоци се посочуваат како важен чекор кон надминување на долгогодишните слабости во системот, особено во справувањето со високата корупција, организираниот криминал и тероризмот.