Високите цени ги менуваат навиките на потрошувачите, па дури и најголемите синџири за брза храна се принудени да бараат начини да ги задржат своите клиенти. Американскиот „Мекдоналдс“ започна тестирање нови, поевтини комбинации на оброци во 1.900 ресторани низ САД, со цел да привлече потрошувачи кои сè почесто ги избегнуваат рестораните поради зголемените трошоци.
Новата понуда опфаќа комбинации од некои од најпознатите производи на компанијата, меѓу кои „Мекчикен“, „Мекдабл“, пилешки нагетси и помфрит. Цените на тест-оброците главно се движат од 3,50 до четири долари.
Една од најевтините комбинации вклучува сендвич „Мекчикен“ и мала порција помфрит, по цена од 3,50 долари.
Овој потег доаѓа по послабите резултати на американскиот пазар. Во финансискиот извештај за третиот квартал од 2026 година е забележан пад од 0,2 проценти на споредливата продажба во рестораните на „Мекдоналдс“ во САД, во споредба со истиот период минатата година.
Извршниот директор на компанијата, Крис Кемпчински, призна дека досегашните промотивни понуди не биле доволно привлечни за потрошувачите со пониски приходи, кои најсилно го чувствуваат финансискиот притисок од поскапувањата.
Компанијата веќе експериментира со различни комбинации и понуди со фиксни цени, додека околу 4.000 франшизни оператори вовеле и сопствени локални промоции.
Тестирањето на новите оброци ќе трае осум недели. По завршувањето на овој период, раководството ќе ги анализира резултатите и ќе одлучи кои комбинации би можеле да станат дел од пошироката понуда на американскиот пазар на почетокот на 2027 година.
И покрај послабата продажба во САД, финансиските резултати на глобално ниво остануваат високи. Во третиот квартал приходите на корпорацијата достигнале 7,16 милијарди долари, додека нето-добивката изнесувала 2,49 милијарди долари, што е зголемување од девет проценти во однос на истиот период лани.
Вкупната продажба во рестораните што работат под брендот „Мекдоналдс“, вклучувајќи ги и франшизите, надминала 38 милијарди долари за три месеци.
Новата стратегија покажува дека и глобалните гиганти во индустријата за брза храна мора да ја приспособуваат понудата на променетите навики на потрошувачите, кои сè повнимателно ги планираат секојдневните трошоци.