Македонија

Нови правила за боледување од 1 декември: По петтиот ден ќе се бараат дополнителни медицински наоди

Нови правила за боледување од 1 декември: По петтиот ден ќе се бараат дополнителни медицински наоди

Од 1 декември се менуваат критериумите за издавање боледување. Периодот во кој матичниот лекар може да одобри отсуство без дополнителни дијагностички критериуми се скратува од седум на пет дена, објавува „Журнал.мк“.

За продолжување на боледувањето ќе бидат потребни дополнителни испитувања или специјалистички прегледи, зависно од заболувањето.

Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека ова не значи задолжително враќање на работа по петтиот ден, ниту укинување на правото на боледување. Матичните лекари и натаму ќе можат да одобруваат отсуство до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарска комисија.

Во медицински оправдани случаи ќе може да се издаде приоритетен упат за побрз специјалистички преглед.

Лекарите, сепак, бараат дополнителни појаснувања за примената на правилникот, особено за ситуациите кога пациентот не може навреме да добие термин кај специјалист. Дел од нив сметаат дека е потребно повторно разгледување на критериумите за одредени дијагнози.

За боледување подолго од 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти. Предвидени се исклучоци за одредени тешки заболувања, а кај хроничните пациенти ќе можат да се користат и претходни дијагностички наоди, доколку се соодветни.

Правилникот опфаќа и електронско издавање извештаи, постапување при повторно отворање боледување и можност за приговор на лекарската оценка.

Фондот најавува работилници за матичните лекари на 19 и 20 ноември, а на 20 ноември е предвидена и отворена дебата со претставници на лекарите за новите критериуми и нивната практична примена.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни