Вкупно 2.158 амандмани се поднесени на измените на Законот за јавните набавки, кои повторно се враќаат пред пратениците откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за нивно прогласување.
Според МИА, владејачкото мнозинство поднело еден амандман со кој предлага бришење на членот 13 — одредбата поради која претседателката го врати законот во Собранието. Најголем дел од останатите амандмани се поднесени од СДСМ.
Законот е на дневен ред на пленарната седница закажана за утре, 10 ноември, кога треба повторно да се разгледува во трето читање. Рокот за поднесување амандмани истече на 6 ноември.
Спорниот член се однесува на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Досегашното решение предвидувало петгодишен мандат со право на уште еден избор, односно најмногу десет години на функцијата. Со предложената формулација „со право на повторно именување“, според Сиљановска-Давкова, не се поставува јасна граница на бројот на мандати.
Во дописот испратен до претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 2 ноември, таа оцени дека ваквото решение е правно непрецизно и остава простор за произволно толкување, вклучително и за неограничен број повторни именувања.
Претседателката предупреди дека неограниченото обновување на мандатите може да доведе до концентрација на моќ во тело што одлучува за постапки поврзани со трошењето големи јавни средства. Притоа се повика и на мислења и препораки на Венецијанската комисија.
Сиљановска-Давкова наведе дека би поддржала ограничување на членството во Комисијата на еден петгодишен мандат, но ја доведе во прашање оправданоста на можноста за неограничен реизбор.
Измените беа усвоени на 26 октомври. Претседателката побара при повторното разгледување пратениците да ги земат предвид нејзините забелешки и да се водат од начелото на владеење на правото.