Клиентите на „Алта банка“ АД Битола кои немаат платежни картички од денеска можат да подигнат готовина и на шалтерите во Тетово и Струмица, покрај оние во Битола. На шалтерите можат да подигнат до 20.000 денари, соопшти Народната банка.
Според соопштението, исплатата во сите три града се одвива непречено и според утврдениот распоред. Во експозитурата во Струмица на почетокот на работниот ден имало краткотрајно доцнење поради логистичка организација, по што исплатата продолжила со предвидената динамика.
Шалтерските исплати ќе продолжат и во следните денови.
Од оваа недела се зголемува и неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со платежните картички на банката — од досегашните 10.000 на 15.000 денари.
Народната банка наведува дека континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките според нејзиниот развој. Како приоритети ги посочува уредното опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на банката.