Граѓанската активистка Анастасија Павловска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изнесе тврдења за сомнително снимање на организаторите на протестот против фемицидите во Скопје.
Според неа, за време на протестот непознато лице ги снимало одблиску активистите кои биле вклучени во организацијата, без да има видлива службена ознака.
„Тоа лице продолжи да нè снима, без да биде никако означено. Кога рековме дека има некој што нè снима, командирката која беше одговорна за безбедноста на протестот ме убедуваше дека тоа лице е новинар“, изјави Павловска.
Таа тврди дека подоцна добиле информации оти станува збор за лице поврзано со Агенцијата за национална безбедност.
Павловска посочи дека по завршувањето на протестот лицето било забележано во придружба на полицијата, а ваквите ситуации, според неа, создаваат чувство на несигурност кај организаторите.
„Навистина, јас не се чувствував безбедно одреден период, но потоа сфатив дека тоа се само тактики за заплашување“, нагласи активистката.
Таа порача дека притисоците и обидите за заплашување нема да ја спречат да продолжи со граѓанскиот активизам.