Високите кирии и сè потешката достапност на станови ги извадија работниците на улиците низ Шпанија. Милиони вработени денеска учествуваат во генерален штрајк, барајќи од владата конкретни мерки за решавање на станбената криза и подобрување на животниот стандард.
Станува збор за прв генерален штрајк во Шпанија по 14 години, кој се одржува три недели пред парламентарните избори. Поради прекинот на работата се очекуваат доцнења во јавниот превоз, како и масовно затворање на продавници, фабрики и други деловни објекти.
Во првите часови од штрајкот биле регистрирани помали инциденти, меѓу кои блокади на патишта во Барселона и туркање меѓу демонстранти и полицијата во близина на главниот пазар на периферијата на Мадрид. Работниците започнале да се собираат на полноќ, а во Барселона биле испукани и огномети.
На штрајк повикаа двата најголеми шпански синдикати – УГТ и ЦЦОО, кои соопштија дека одѕивот е голем. Според нивните податоци, работата ја прекинале околу 90 проценти од вработените во автомобилската и пристанишната индустрија, 85 проценти во месната преработувачка индустрија и 75 проценти во енергетскиот сектор.
Главната причина за незадоволството е кризата со домувањето. Просечната кирија во Шпанија речиси двојно се зголемила во последните десет години, што претставува сериозен товар за голем дел од населението.
Незадоволството дополнително се засилило по случајот со 87-годишна жена од Мадрид, која во октомври била иселена од својот дом, а потоа починала. Нејзиното иселување било пренесувано во живо на националната телевизија и предизвикало силни реакции во јавноста.
Активистите за станбени права го искористиле случајот за да повикаат на генерален штрајк, по што добиле поддршка и од синдикатите УГТ и ЦЦОО.
Меѓу нивните барања се укинување на туристичките апартмани, спречување на шпекулациите на пазарот на недвижности и подобра заштита на станарите, вклучително и автоматско продолжување на договорите за закуп. Синдикатите бараат и поголема интервенција на државата на пазарот на недвижности, како и нов договор за минималната плата преку преговори со работодавачите.
Мотото на штрајкот е „Плати. Домување. Цени“.
По протестите предизвикани од иселувањето на постарата жена, шпанската влада предложила итни мерки за ограничување на иселувањата и обезбедување помош за станарите. Десничарските партии се спротивставија на нивното усвојување, оценувајќи дека таквите мерки би можеле да ги натераат сопствениците да ги повлечат недвижностите од пазарот за изнајмување.
Владата најави дека повторно ќе се обиде да обезбеди парламентарна поддршка за две уредби од областа на домувањето, откако претходно тие беа отфрлени во долниот дом на парламентот.
Премиерот Педро Санчез, пак, преку видеообраќање на социјалните мрежи потсети на придобивките од работничките движења, меѓу кои 40-часовната работна недела и националното здравствено осигурување, нагласувајќи ја улогата на синдикатите и правото на штрајк.