Балкан

Несреќата со 12 загинати на „Тракија“ може да остане без обвинети, вели бугарскиот истражител

Несреќата со 12 загинати на „Тракија“ може да остане без обвинети, вели бугарскиот истражител

Истрагата за тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во која неделава загинаа 12 лица, ги разгледува сите можни верзии. Засега нема доволно докази за обвинение против возачот на камионот кој беше приведен, а потоа ослободен, изјави истражителот Јасен Тодоров од Националната истражна служба, пренесе БНТ.

„Работам на апсолутно сите верзии. Нема водечка верзија додека некоја не отпадне“, рече Тодоров.

Тој нагласи дека исходот ќе зависи од доказите и од утврдувањето евентуална кривична одговорност.

„Може да заврши без обвинет, но може да заврши и со неколку обвинети“, посочи истражителот.

За ослободениот возач на камионот, Тодоров објасни дека недостигот од доволно докази во оваа фаза не го исклучува неговото евентуално обвинение подоцна.

Истражителите сè уште ја собираат документацијата потребна за вештачењата на патната инфраструктура и на возилата. Претходно ќе бидат извршени и технички вештачења за извлекување информации од различни носачи на податоци.

Тодоров упати повик до граѓаните да помогнат со информации, нагласувајќи дека се бараат сведоци кои можат да придонесат за расветлување на околностите.

Потврдениот број на загинати е 12. На сите им се извршени обдукции и се назначени судско-медицински вештачења. Точниот број на повредени сè уште се утврдува, бидејќи дел од пациентите биле префрлани меѓу болници, што создава можност за двојно евидентирање.

„Можеби повредените се помалку од 51“, изјави Тодоров, додавајќи дека од болниците е побарана целокупната медицинска документација.

Тој им се заблагодари на пожарникарите, полицајците, истражителите и екипите на Итната медицинска помош од Јамбол и Сливен, оценувајќи дека нивната брза реакција придонела да се ограничат последиците од несреќата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни