Свет

Четиричасов прекин на полетите во САД: Телекомуникациски проблем го блокираше полетувањето од аеродромите

Четиричасов прекин на полетите во САД: Телекомуникациски проблем го блокираше полетувањето од аеродромите

Полетувањата од аеродромите низ САД беа запрени околу четири часа во ноќта кон сабота, 14 ноември, поради проблеми во телекомуникациската инфраструктура на системот за управување со воздушниот сообраќај, објави „Дојче веле“.

Ограничувањето било укинато во 20:15 часот по источноамериканско време, односно во 2:15 часот по македонско време. Според извештајот, близу 7.500 летови не се реализирале, а илјадници други биле презакажани.

Министерот за внатрешна безбедност Марквејн Малин и министерот за транспорт Шон Дафи на заедничко обраќање во Белата куќа соопштиле дека првичните информации не укажуваат на кибернапад.

„Од сè што знаеме, јасно е дека ова не било кибернапад“, изјавил Малин.

Дафи објаснил дека проблемот настанал во застарената инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај.

„Имаме неверојатно застарен систем за управување со воздушниот сообраќај. Рутерите беа преоптоварени. Се појавија неусогласености во податоците. Поради тоа го исклучивме системот“, рекол тој.

Американскиот министер за транспорт бара најмалку 30 милијарди долари за модернизација. Конгресот минатата година одобрил 12,5 милијарди долари за обновување на националната инфраструктура за управување со воздушниот сообраќај.

И по укинувањето на ограничувањето останало неизвесно кога летовите целосно ќе се нормализираат. Дафи изразил надеж дека сообраќајот ќе се зголеми во текот на саботата, додека илјадници патници останале заглавени на аеродромите.

Според „Дојче веле“, ова е трет случај на национална забрана за полетување во САД. Претходните два беа по терористичките напади на 11 септември 2001 година и во 2023 година, кога откажа компјутерски систем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни