Внатрешната контрола при МВР поднесе кривична пријава против вработен во ЕВР Кисела Вода, осомничен дека преку мобилна апликација испраќал заканувачки пораки до лице од Скопје.
Пријавата против В.Н., документарист во Отсекот за статистика и документирање во ЕВР Кисела Вода при СВР Скопје, е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение за кривичното дело „загрозување на сигурноста“.
Според МВР, тој на 18 март годинава испратил пораки со заканувачка содржина поради претходно недоразбирање со неговиот син.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе предложи поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.
Ќе биде предложено и негово отстранување од работното место, односно суспензија до завршувањето на дисциплинската постапка, информираат од МВР.