Швајцарската општина Албинен нуди финансиска поддршка за купување, изградба или реновирање дом, која за пар со две деца може да достигне 70.000 швајцарски франци. Програмата предвидува минимална инвестиција од 200.000 франци и обврска корисниците да останат во општината најмалку десет години, пренесува Н1 Сараево.
Албинен, во кантонот Вале, преку станбени и семејни стимулации се обидува да ги задржи жителите. Поддршката, сепак, не е достапна за секој што сака да се пресели во Швајцарија.
Според информациите од општинскиот правилник што ги пренесува медиумот, помошта изнесува 25.000 франци за поединец, 50.000 франци за пар и дополнителни 10.000 франци за секое дете.
Возрасните подносители на барањето треба да имаат најмногу 45 години. Недвижноста мора да биде наменета за постојано живеење, додека викендичките не се опфатени со програмата.
За странските државјани дополнителен услов е во моментот на исплатата да поседуваат дозвола за постојан престој, односно дозвола од типот C. Барањето се поднесува пред почетокот на градежните работи или пред соодветниот упис на купувањето на недвижноста.
Исплатата следува по завршната пресметка и одобрувањето на работите, односно по уписот на купувањето, под услов корисниците да имаат живеалиште во Албинен. Средствата се префрлаат на хипотекарната сметка кај кредиторот.
Доколку корисниците ја продадат недвижноста или се иселат во рок од десет години од исплатата, мора да ја вратат добиената помош, вклучително и додатоците за децата.
Финансиската поддршка сама по себе не обезбедува право на доселување во Швајцарија, ниту автоматско добивање дозвола за престој. Заинтересираните треба да ги проверат актуелните услови директно во општината.