Унгарските антикорупциски власти запленија готовина во вредност од 19,5 милиони долари, скриена на повеќе локации, во рамки на истрагата против поранешниот министер за национален развој Миклош Шестак, кој беше дел од владата на Виктор Орбан.
Шестак, кој ја извршуваше министерската функција од 2014 до 2018 година, е осомничен за примање мито во случај поврзан со набавка на половни автобуси по нереално високи цени за државно транспортно претпријатие.
Во изминатите два дена истражителите извршиле претреси на повеќе локации, при што откриле големи количества готовина закопана во шуми, скриена во земјоделски објекти, магацини, станбени простории и сефови на изолирани локации.
Покрај Шестак, во рамки на одделни истраги биле приведени уште двајца поранешни министри од владите на Орбан, како и братот на поранешниот унгарски премиер.
Актуелниот премиер Петер Маѓар, кој со изборната победа во април стави крај на 16-годишното владеење на Орбан, ја оцени заплената како значаен момент во борбата против корупцијата.
„Ова официјално го означува крајот на мафијата Фидес-КНДП“, изјави Маѓар, алудирајќи на поранешната владејачка коалиција.
Орбан засега не се огласил за најновата акција. Тој претходно ги оцени истрагите против неговите блиски соработници како политички прогон, тврдејќи дека крајната цел е негово затворање.