Филмската индустрија во Македонија и регионот загуби долгогодишен професионалец, кој речиси три децении беше дел од нејзиниот развој. На 13 ноември, на 54-годишна возраст, почина Иван Хиниќ, директор на Cineplexx во Македонија, информираа од компанијата.
Хиниќ е роден на 25 септември 1972 година, а во филмската индустрија работел од 1998 година. Во текот на својата кариера, со своето знаење, искуство и посветеност оставил значаен придонес во развојот на киноиндустријата во Македонија и регионот, како и во изградбата на Cineplexx.
Од компанијата посочуваат дека неговиот професионален пат бил исполнет со предизвици, успеси и промени, но дека неговото наследство не се мери само преку деловните резултати и проектите што ги реализирал.
Колегите го опишуваат како многу повеќе од директор и соработник – човек чија енергија, карактер, човечност и љубов кон работата оставиле силен впечаток кај сите што го познавале и работеле со него.
„Ќе го паметиме по сè што создаде, но уште повеќе по начинот на кој го правеше тоа – со страст, посветеност и верба во луѓето и заедничките цели“, наведуваат од Cineplexx.
Од компанијата додаваат дека неговото заминување остава голема празнина, но дека спомените, пријателствата и заедничките моменти ќе продолжат да живеат меѓу неговите колеги и соработници.
Комеморацијата во чест на Иван Хиниќ ќе се одржи во среда, 18 ноември, со почеток во 10 часот, во киното Cineplexx во трговскиот центар Skopje City Mall.
Од Cineplexx упатија сочувство до неговото семејство, пријателите, соработниците и сите што го сакале и почитувале.