Новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, порача дека интегритетот на обвинителите се покажува преку нивниот однос кон влијанијата. Таа ги посочи недостигот од кадар и ограничените ресурси како предизвици, а најави и дека ќе се занимава со подобрување на постапувањето во предметите против полициски службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање за политички влијанија, Хаџи Василева нагласи дека клучна е реакцијата на обвинителите.
„Нашиот интегритет тука се гледа. Влијанија имало, има и ќе има, веројатно, но прашањето е ние како се однесуваме со истите“, рече таа, без да посочи конкретни лица или случаи.
Во однос на условите за работа, Хаџи Василева наведе дека има благо зголемување на буџетот, што го оцени како позитивен сигнал. Сепак, според неа, финансирањето е само еден од аспектите, бидејќи недостигаат и обвинители и службеници.
„Имаме голем дефицит и во јавнообвинителската служба, таму е веројатно и најгорливо. Имаме дефицити во однос на самите јавни обвинители“, посочи Хаџи Василева.
Таа порача дека со расположливите ресурси ќе се обиде да постигне најголема можна ефикасност, додека паралелно ќе продолжат напорите за обезбедување дополнителни капацитети.
Прашана за долгото траење на истрагите против полициски службеници, Хаџи Василева оцени дека има простор за подобрување. Според неа, потребно е суштински да се разгледаат позицијата на одделението што постапува по овие случаи и пристапот кон утврдување одговорност.
Таа нагласи дека одговорноста на полицајците опфаќа и дисциплински и кривичноправен аспект. Најави дека ова ќе биде едно од прашањата со кои ќе се занимава по првичните административни обврски поврзани со преземањето на функцијата, но не прецизираше конкретни мерки или рокови.
Хаџи Василева најави и јавни настапи кога ќе има потреба, земајќи го предвид интересот за работата на Обвинителството.