Свет

ЕУ подготвува нови санкции против Русија, Зеленски бара посилна воена поддршка

ЕУ подготвува нови санкции против Русија, Зеленски бара посилна воена поддршка

Европската Унија подготвува нов, 22. пакет санкции против Русија, додека во Брисел се разговара за дополнителна финансиска и воена помош за Украина. Киев бара засилена поддршка од европските партнери, особено во обезбедувањето ракети за противвоздушна одбрана.

Паралелно со дипломатските напори за ставање крај на војната, продолжуваат жестоките напади. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за нови воздушни удари, а според информациите, погоден бил и Кримскиот мост, по што сообраќајот бил прекинат.

Европските претставници ја обвинуваат Москва дека со поставувањето нови барања го попречува мировниот процес и создава изговори за продолжување на војната.

Од Брисел беше упатена и порака дека поддршката за Украина е заедничка европска задача, која не смее да остане на товар на само неколку земји членки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува претстојните средби во Рамштајн и Берлин да резултираат со поединствена и посилна европска позиција во евентуалните мировни преговори.

Москва, пак, ја доведува во прашање улогата на Европа во преговарачкиот процес. Од Кремљ оценуваат дека најавите за продолжување на воената поддршка за Киев не претставуваат сигнал за подготвеност за мир.

Во меѓувреме, Украина ги повика европските земји да го следат примерот на Естонија, која најави затворање на патните гранични премини со Русија од 1 декември, по наводен обид за саботажа во фабрика за дронови.

Во врска со случајот биле приведени осум лица, додека Москва засега не ги коментирала обвинувањата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни