Голема спасувачка операција е во тек во Црното Море, откако потона танкер за превоз на гас во бугарската ексклузивна економска зона. Во моментот се трага по 19 членови на екипажот, сите филипински државјани.
Станува збор за бродот „ГАС Хаски“, кој пловел под либериско знаме и потонал на околу 100 километри од бугарскиот брег, пренесува „Еуроњуз“.
Во акцијата за пребарување и спасување се вклучени бугарската војска и воздухопловните сили. Кон местото на несреќата бил испратен хеликоптер, откако во областа бил забележан спасувачки сплав со луѓе.
Според информациите, танкерот исчезнал од радарите кратко по полноќ, а во 8:02 часот по локално време бил испратен сигнал за опасност. Бродот претходно испловил од египетското пристаниште Александрија и се движел кон романското пристаниште Мидија.
Ова е втор трговски брод што потонал во близина на бугарскиот брег во последните два дена. Во понеделникот потонал товарен брод што пловел под сомалиско знаме, но во тој случај сите 12 членови на екипажот биле спасени.
Бугарските власти започнале истрага за причините за двете поморски несреќи. Засега нема официјална потврда дали бродовите биле погодени од беспилотни летала.
Во изминатите недели во регионот биле регистрирани неколку напади со дронови врз трговски бродови, кои се доведуваат во врска со војната меѓу Русија и Украина.