Три јавни здравствени установи добиваат ново раководство, откако за директори на универзитетските клиники за гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија и пластична и реконструктивна хирургија се именувани нови лекари. Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска ги прими новоименуваните директори и им посака успешна работа.
На чело на Клиниката за гастроентерохепатологија доаѓа вонредниот професор д-р Владимир Андреевски, специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог. Тој досега бил раководител на одделот за ендоскопија при Клиниката и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на повеќе од 120 рецензирани научни труда, а неговата експертиза е во областа на интервентната ендоскопија и ЕРЦП.
За директор на Клиниката за дигестивна хирургија е именуван асистентот д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија. Тој има завршено стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул, а учествува и на меѓународни конгреси од областа на колопроктологијата и хепатобилијарната хирургија.
Нов директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија е асистентот д-р Благоја Србов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија. Тој е асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија.
На средбата, министерот Клековски им ја честитал новата функција и ги посочил очекувањата од нивното раководење. Меѓу приоритетите ги навел стабилното и предвидливо функционирање на клиниките, воведувањето нови методи и постапки на лекување, намалувањето на листите на чекање и враќањето на довербата кај пациентите.
Клековски претходно се сретнал и со досегашните директорки на Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, како и со досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски, на кои им се заблагодарил за досегашната работа.
Во соопштението се посочува дека проф. д-р Костовски и прим. д-р Ѓорѓиевска-Павловска, заедно со своите тимови, биле на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани. Под раководство на проф. д-р Трајковска, пак, на Клиниката за гастроентерохепатологија биле воведени четири нови методи на лекување.