Во живо Ноќно студио во живо Дали системот реагира навреме при насилство? Гледај
Македонија

Финансии за 4NEWS.mk: Измените за депозитите ги подготвивме во првата половина од годинава, нема посебен механизам за конкретна банка

Финансии за 4NEWS.mk: Измените за депозитите ги подготвивме во првата половина од годинава, нема посебен механизам за конкретна банка

Работна група од три институции уште во првата половина на 2026 година го подготвила текстот на измените на Законот за Фондот за осигурување на депозити, соопшти Министерството за финансии во одговор за 4news.mk. Од Министерството велат дека измените биле однапред планирани. За прашањето дали се разгледува користење средства од фондовите за „АЛТА банка“ АД Битола, велат дека тоа е надвор од нивната надлежност.

4news.mk ги постави прашањата поради временската близина на две одлуки. На 13 октомври македонската Влада го утврдила предлогот со кој се уредува и кога парите наменети за обесштетување на штедачите може да се користат во постапка за решавање банка. Седумнаесет дена подоцна, на 30 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзела дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Белград.

На прашањето дали при подготовката биле земени предвид состојбите во белградската или во битолската банка, Министерството одговара дека целта била усогласување со Законот за решавање банки, донесен во 2023 година. Во работната група учествувале претставници на Министерството за финансии, Народната банка и Фондот за осигурување на депозити.

„Со измените не се воспоставува нова политика, ниту се предвидува посебен механизам наменет за конкретна банка или конкретен случај“, велат од Министерството.

Со предлогот, Фондот за осигурување на депозити би добил надлежност да управува и со посебен Фонд за решавање банки. Од Финансии велат дека со тоа се прошируваат надлежностите на институцијата, а постојниот систем за осигурување на депозитите и обесштетување на штедачите останува ист.

Што одговори Министерството за „АЛТА банка“ Битола?

За битолската банка, Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација за заштита на банката и на штедачите до промена на сопственоста. За отворање постапка за решавање банка е потребна посебна одлука на Народната банка.

Дали во случајот со битолската банка воопшто се разгледува користење пари од фондовите, од одговорот на Финансии останува отворено.

„При тоа посочуваме дека Министерството за финансии не е надлежно во врска со прашањето дали се разгледува користењето средства од фондовите во случајот со Алта банка“, се наведува во одговорот за 4news.mk.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни