Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани би можело да трае уште најмалку година и половина до две до донесувањето првостепена пресуда, доколку продолжи со досегашното темпо и со предложениот обем на докази. Ова е проценката на судијката Дијана Груевска-Илиевска, која во брифинг за „Телма“, по повод една година од почетокот на процесот, нагласува дека никој не може точно да го предвиди неговото времетраење.
Според неа, со оглед на бројот на обвинети, адвокати и докази, постапката засега се одвива со добро темпо.
„На овој број на луѓе вклучени во процесот, обвинети, адвокати и на овој фонд на докази, засега сметам дека темпото е добро. Побрзо не може да биде и добро е што досега нема одложувања“, изјави Груевска-Илиевска за „Телма“.
Таа посочува дека обвинетите редовно присуствуваат на рочиштата и дека коректност има од сите страни, вклучително и од адвокатите. Уште на почетокот, како што вели, предупредила дека нема да толерира непотребни одложувања.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, а на обвинителната клупа се 34 лица и три фирми. Во пожарот на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Обвинението опфаќа период од 13 години и, покрај сопственикот на „Пулс“ и други лица поврзани со работењето на објектот, вклучува поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и други службени лица.
Во првата година од судењето се одржаа воведните говори и се изведуваа доказите на обвинителството. На последното рочиште почна сослушувањето на сведоците на одбраната.
Адвокатката на Дејан Јованов, Ивана Коцевска, исто така оценува дека процесот ќе трае долго, но смета дека не може однапред да се предвиди неговото завршување.
Во меѓувреме, државниот јавен обвинител Ненад Савески на 16 ноември порача дека аргументите треба да се соочуваат во судницата. Тој оцени дека јавните напади придонесуваат за создавање слика за постапката која не се темели на објективност и дека одбраната треба да ги користи расположливите процесни механизми.
Груевска-Илиевска нагласува дека суди врз основа на правосилното обвинение и дека при донесувањето на пресудата ќе го земе предвид сето она што ќе биде изведено во постапката. Таа уверува дека сите учесници ќе можат да ги остварат правата што им ги гарантира законот.