Продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и привлекување нови јапонски инвестиции во Македонија биле главните теми на средбата меѓу вицепремиерот Александар Николоски и претставници на Јапонската организација за унапредување на надворешната трговија – ЈЕТРО.
На средбата, Николоски ги претставил економските потенцијали на земјава, нагласувајќи дека Македонија располага со конкурентни услови за странските инвеститори, поволна даночна политика и квалификувана работна сила.
Според вицепремиерот, македонската економија бележи позитивни резултати и покрај глобалните економски предизвици. Тој посочил дека раст се регистрира во повеќе сектори, меѓу кои индустриското производство и градежништвото, додека инфлацијата се движи околу три проценти, што, според неговата оценка, е во рамки на европскиот просек.
Николоски очекува македонската економија да ја заврши годината со раст на бруто-домашниот производ од 3,8 проценти, посочувајќи дека Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во два наврата ги коригирале своите економски прогнози.
Како една од главните предности за странските инвеститори, тој ја издвоил даночната политика, нагласувајќи дека персоналниот данок на доход и данокот на добивка изнесуваат по 10 проценти, додека реинвестираната добивка е ослободена од оданочување согласно законските услови.
Дополнително, како значајни фактори за привлекување инвестиции ги посочил развојот на дуалното образование, достапноста на обучен кадар и договорите за слободна трговија, кои овозможуваат повластен пристап до повеќе меѓународни пазари.
Во разговорите со претставниците на ЈЕТРО биле разгледани можностите за зајакнување на деловните врски меѓу македонските и јапонските компании, отворање нови инвестициски перспективи и унапредување на билатералната економска соработка.
ЈЕТРО е јапонска владина организација која работи на поттикнување на меѓународната трговија, привлекување инвестиции и поврзување на јапонските компании со странските пазари.
Средбата претставува можност за натамошно интензивирање на економските контакти меѓу двете земји и создавање услови за поголемо присуство на јапонскиот капитал во македонската економија.